Орта џамија се наоѓа во старото урбано јадро на градот Струмица, во самото подножје на тврдината Цареви Кули. Џамијата е изградена во 1613 ‒ 1614 година во времето на султанот Ахмед I (1603 ‒ 1617), според записот сместен над вратата на западниот влез на објектот.
Поради конзерваторски потреби, во 1984 година се извршени сондажни ископувања покрај џамијата од надворешната страна. Откривањето на средновековни гробови и остатоци од средновековна архитектура било повод истражувањата да прераснат во систематски. Најстарите хоризонти на живеење на овој простор упатуваат на IV ‒ III век пр.н.е. Kонтинуитетот на градење не запрел во римскиот, односно, ранохристијанскиот и византискиот период.
Секако, посебно значење имаат откриените остатоци од темели на трокорабна средновековна црква од XII ‒ XIII век. Црквата била изградена од кал и камен, а ентериерот бил облагороден и со ѕидно сликарство со различни религиозни композиции. Фрагментарно зачуваните ликовни елементи по својот стил асоцираат на сликарство пред палеологовската епоха. Се работи за голем сликарски и тематски сложен ансамбл со највисоки ликовни квалитети во претставите на Апостол Павле од композицијата Причестување на апостолите; Апостол Лука; Апостол Симон; циклусот на големите празници; циклусот на Христовите страдања и евхаристична сцена во олтарот.
Зачуваниот конструктивен дел од апсидата, каде што се наоѓаaт чесната трпеза и синтроносот, го потврдува епископскиот карактер на црквата. Самиот факт што храмот се наоѓа во старото градско јадро на Струмица заборува за неговото големо значање и улога за духовното просветлување.
Сл.1. Остатоци од средновековна црква, под темелите на Орта џамија, Струмица / Remains from a medieval church, under the foundations of Orta Mosque, Strumica.
Сл.2. Остатоци на фреско-живопис од Орта џамија, Струмица / Fragments of the fresco painting in Orta Mosque, Strumica.