Комплексот цркви Св. Леонтиј се наоѓа во селото Водоча, одалечено на 4 км источно од Струмица. На локалитетот, се откриени три цркви (источна, западна и средна) со три фази на живописување на ентериерите; трпезарија; стопански објекти; две бањи и повеќеслојна христијанска некропола со континуитет на погребување од XIV до XXвек. Првите археолошки ископувања на овој локалитет ги извршил Васил Лахтов во периодот 1961-1962 година. Во 1973/74 година Петар Миљковиќ – Пепек врши истражувања врз чија основа се изготвува проект за конзервација и реставрација на црквата. Додека најобемните ископувања, во најголем дел насочени на некрополата Водоча, со откриени близу 1000 гробови, во периодот 1979 до 2003 година, ги извршил археологот Јован Ананиев.
Од ранохристијанскиот период се зачувани темелни партии од базилика со мермерна декоративна пластика од V и VI век. Подоцна била подигната источната, тробродна куполна епископска црква изградена во IX век.Како епископска црква се споменува во повелбите на Василиј II од 1018 година по падот на Самоиловата држава. Денес од неа се зачувани олтарната апсида, проскомидијата и ѓаконикот. Првобитниот иконостас бил мермерен, а и подот бил обложен со мермерни плочи. Рушењето на црквата е поврзано со пропаста на Самоиловата држава и паѓањето на Струмица под византиска власт во 1018 година. Во периодот од 1018 до 1037 година била изградена западната, мала крстoвидна куполна црква посветена на св.Богородица Елеуса и Воведение. Средната куполна црква на водочкиот комплекс, подигната во почетокот на XII век, е посветена на Св.Леонтиј, маченик на градот Триполи во областа Феникија.
Црквата, од која е зачуван синтроносот во олтарната апсида, нартексот на западната страна и отворените тремови на јужната страна, била епископско седиште. Живописувањето на ентериерот се одвивало во три временски периоди: X, XI и XII век. Покрај фрагментарната зачуваност, очигледни се високите ликовни квалитети на насликаните претстави на светителите. Сликарството во западната водочка црква посветена на Богородица Елеуса и Воведение, го отсликуваат животот и детството на Пресвета Богородица, како и циклусот црковни празници. Овде се претставени и фигурите на светителите Исавриос и Евплос во цел раст, насликани во периодот меѓу 1018 и 1037 година. Ентериерот на средната водочка црква, посветена на св. Леонтиј бил, исто така, фреско декориран. Зачуваните фрагментирани остатоци во лунетата над апсидалниот простор со претстава на св. Богородица ги содржат стилско ликовни карактеристики на византиското сликарство во XII век.
Сл.2. Основа на комплекс Водочки цркви Св.Леонтиј / Тhe basis of the complex of churches in Vodocha.
Сл.3. Фрески Исавриос и Евплос / Frescoes of Isavrios and Evplos.
Сл.4. Фреска на Св.40 Севастиски Маченици / A fresco depicting 40 Holy Martyrs of Sebastea
Сл.5. Манастирска бања /Monastery bath
Сл.7. Наоди од некрополата (XV – XIX век) /Findings from the mecropolis (XV – XIX century)