„ Следното утро по цел ден одење стигнавме во едно гратче, над облаците што се вели, Струмица, така некако наречено од месното население, сместено над една откината и ѓаволски висока планина, така што тие што седеа на тврдината, гледани од долината, прилегаа на птици...“
Со овие зборови, во почетокот на XIV век, византискиот патеписец Никифор Григора, во писмото на својот пријател Андроник Зарида, ја опишува тврдината над градот Струмица. Тој накратко ја посетил Струмица во текот на пролетта 1324 година, патувајќи на дипломатска мисија во Србија.
Средновековната тврдина Цареви Кули се издига на јужната страна над Струмица, на просечна надморска височина од околу 450 м. Таа има издолжена овална основа и се протега 210 м во насока исток-запад и околу 80 м во насока север-југ. Од северозападната и југоисточната страна на ридот се спуштаат стрми долови сé до подножјето на поројните рекички Коритниче и Св.Илијски порој. На јужната страна, со вештачки направен дол-фосса, се надоврзува на т.н. Јужен рид кој понатаму продолжува во ридест предел и се спојува со месноста Чам Чифлик. Од источната страна се наоѓа лепезесто расположена падина која е нешто попристапна и која го поврзува платото на Цареви Кули со подножјето на кое е расположен градот Струмица.
Најстарите слоеви на локалитетот Цареви Кули досегаат до првата половина на V милениум пред н.е, односно халколитот-бакарното време. Тогаш изникнала првата населба расположена терасесто на југоисточната падина, односно на стратешки одбран непристапен терен. Истражувањата на југоисточната падина покажаа дека слоевите од раната бронзена епоха, освен можеби во нејзините финални фази, не оставиле посебни траги. Активностите повторно започнуваат во времето на средната бронзена епоха кога над населбата од раниот халколит се подига нова населба расположена на речиси истите тераси со идентичен начин на протегање на живеалиштата.
Следува период од околу едно илјадалетие без материјални остатоци. Кон крајот на V и почетокот на IV век пред н.е. Цареви Кули наеднаш добиваат нова улога. Со истражувањата беа откриени пет поголеми јами со кружна основа во со исклучителен материјал од класичниот период, односно V и IV век пред н.е. Судејќи според наодите, најверојатно се работи за светилиште од отворен тип.
Во време на македонско-хеленистичкиот период активностите на локалитетот Цареви Кули наеднаш добиваат во својот интензитет. Во тој период најверојатно постои организиран живот на платото. По освојувањето на Македонија од страна на Римјаните во текот на 148 годинаа пред н.е, животот на Цареви Кули продолжува, но со нешто понамален интензитет. За време на Римското Царство, од I до III век се уште имаме одредена активност, но таа и понатаму е со намален интензитет.
Веќе кон крајот на III или почетокот на IV век градот Струмица (Тивериопол), заедно со тврдината Цареви Кули е добро утврден град, веројатно благодарение на активностите преземени од страна на Диоклецијан или Константин. Во тоа време тврдината на ридот веќе постоела со силни одбранбени кули и бедеми. Оваа тврдина останала активна и во наредните неколку векови, а посебно била активна за време на владеењето на Јустинијан. Меѓутоа, само неколку децении по неговото владеење, овие краеви ќе бидат населени од словененски племиња, по што, животот во рамките на тврдината, целосно ќе згасне.
Во Самуиловата држава, струмичката област имала значајна улога и место. Истражувањата на Цареви Кули не покажаа позначајни податоци за опсадата на Струмица, што наведува на заклучок дека Самуил најверојатно ја користил доцноантичката тврдина, зајакнувајќи ја и оспособувајќи ја за одбрана. Во месноста Јужен рид изградил уште едно палисадно утврдување кое било опожарено во некој од последувателните судири помеѓу самоуиловата и ромејската војска..
Оваа тврдина останала во употреба се до крајот на XI и почетокот на XII век, кога била изградена средновековната тврдина над Струмица, позната како Цареви Кули. Крепоста била изградена со сите свои придружни елементи: централна кула – Пирг, бедеми околу целото плато, одбранбени кули, цистерни за вода, гранариуми, објекти за живеење, коњушници, ковачници и средновековна црква. Ова најверојатно се должи на градителската активност на византиските цареви од лозата на Комнините (1081-1185 год) кои, поттикнати од опасноста на доаѓањето на Крстоносците и Норманите, граделе тврдини низ целото Царство.
Тврдината одиграла важна улога и во српско-византиските судири кон крајот на XIII и почетокот на XIV век. Во тоа време тврдината Цареви Кули, заедно со тврдините во Просек и Мелник, ја сочинувала одбраната на комуникациите кон Солун и Серез во Византија. Пред да падне во српски раце, оваа област била управувана од самостојниот феудалец, протосевастот Хреља кој, веројатно, стапил во вазални односи со Србија. Според Јован Кантакузин може да се заклучи дека во градовите на Хреља се наоѓале помеѓу 300 и 400 војници.
Оваа област во времето на владеењето на српскиот цар Душан (1331-1355), некаде околу 1332 година, потпаднала под српска власт. По неговата смрт, со оваа област завладеале браќата Деанови.
Сето ова зборува дека во текот на среден век, Цареви Кули била значајна тврдина, обласно средиште со урбани англомерации надвор од тврдината. Се чини дека градот Струмица во тој период бил организиран на класичен средновековен начин како комплексна утврдена населба. Тврдината се наоѓала на врвот од доминантниот рид и била од стратешки и воен карактер, заради нејзината лоцираност на важна патна комуникација која водела од Серез кон Штип.
Тврдината била опкружена со запчесто бедемско платно, засилено со кули, и претставувала еден вид одбранбен и набљудувачки центар. Нејзината непристапност на врвот од ридот и опкруженоста со клисури овозможувале прилично сигурна одбрана. Овие погодности, како резултат на стратешката положба на тврдината, условувале лесна одбрана и покрај релативно скромните бедеми и кули. До неа не можело да се пријде со опсадни направи, а поради карпестата подлога, било оневозможено и поткопување на бедемите. Со доволни залихи на вода и храна, таа практично била неосвоива. Ова било јасно воочено и од современиците, кои зборувајќи за тврдините кои не можат лесно да се освојат со отворен напад, мислеле на тврдините во Струмица, Мелник, Прилеп и Просек.
По битката кај реката Марица во 1371 година, патот на Османлиите во продорот кон запад бил отворен. Тие најверојатно ја освоиле Струмица во 1395 година. Tурската администрација градот го нарекувала Уструмџе.
По освојувањето на Струмица од страна на Османлиите, положбата на тврдината значајно се изменила, зашто таа останала длабоко во територијата и немала речиси никакво одбранбено значење. Сепак, се чини дека кон крајот на XIV и почетокот на XV век таа сè уште го имала својот одбранбен карактер. На одредени места низ тврдината се гледаат преправки, како оној на западното лице на западната кула. Од друга страна, на централното плато се подигнати и неколку нови објекти.
Последните извештаи за тврдината се од XVII век. Судејќи по описот на Евлија Челеби тврдината била оддамна напуштена и веќе почнала да се руши. Дел од нејзиниот градежен материјал најверојатно бил употребен при градењето на станбените објекти во Струмица.
Истражувањата покажаа дека последното користење на тврдината во воени цели е од Втората светска војна кога, во завршните операции за ослободување на Струмица, во октомври-ноември 1944 година, на платото била стационирана германската војска.
Цареви Кули се препознатлив белег на градот Струмица, па оттаму денес Струмица често е нарекувана и „Градот под Царевите Кули“. Почнувајќи од 2004 -2005 година, а посебно во периодот од 2007 до 2014 година, археолошките истражувањата на Цареви Кули дадоа непроценливи податоци кои дополнително ги збогатија историските сознанија. Почнувајќи од 5 милениум пред н.е. па се до денес, овој локалитет претставува нем сведок на епохите кои ги одбележиле историските случувања на овие простори..