ЕЛЕУСА

МАНАСТИРСКА ЦРКВА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА МИЛОСТИВА (ЕЛЕУСА)

На оддалеченост од 7 км западно од Струмица, во селото Велјуса, се наоѓа средновековната црква од византискиот период Пресвета Богородица Милостива (Елеуса), посветена на празникот Воведение на Пресвета Богородица. Зачуваните записи на двата архитрава, кажуваат дека црквата ја подигнал монахот, а подоцна и струмички епископ Мануил во 1080 година.

            Изворите сведочат дека црквата Пресвета Богородица Милостива (Елеуса), била сместен на бигорна карпа на северните падини од планината Еленица и била изграден над некогашното село Палеокастро во темата Струмица. Црквата се споменува и во грамотите на византискиот император Алексиј I Комнин во 1085 година. Во 1091 или 1094 година тој лично го посетил манастирот и својот восхит го овековечил во писмени записи.

По своето архитектонско решение, црквата е четириконхална и е единствен таков објект од XI век во Македонија. Внатрешноста претставува крстовидна куполна градба од стеснет тип. Над сите три основни делови на црквата: наосот со олтарот, нартексот и јужната купола Св. Спас, се издигаат различно димензионирани извишени куполи со полигонални тамбури, облагородени со керамопластична декорација и полихромно оживување на фасадите. Со фреско-украсна изведба е јужната фасада на црквата. Во нејзиниот горен централен дел е сместена мала и богато профилирана розета со запчест венец, а подолу меѓу бифората има раскошна двочленска плетеница со претстава на орнаментиран украс во облик на крст.

Живописувањето на црквата е изведено во три различни временски периоди: олтарот, поткуполниот простор во наосот и ѕидовите, конхите и капелата во 1085 година; тремот во 1164 година, а наосот во XIX век со видливи локални сликарски влијанија. Фреско-ансамблот во црквата е со иконографски симболични содржини и претстави преземени од Стариот и Новиот Завет: Литургиска служба на светите архиереи со Хетимасијата (Христовото жртвување) и Богородица со Исус Христос седната на трон во олтарниот простор.

Во централниот куполен простор е насликан Исус Христос Вседржител, додека под него на ѕидовите од тамбурот се претставите на Пресвета Богородица, Св. Јован Крстител, двајца архангели и четворица пророци (Езекиј, Авакум, Еремија и Давид). Во северната конха е претставено Слегувањето на Исус Христос во пеколот, а во јужната Сретение Господово. Додека во куполниот простор од јужната капела Св.Спас е претставен Исус Христос Емануел.

Во наосот на црквата зачувана е и олтарната преграда изработена од мермер, со стилизирани растителни и геометриски мотиви изведени во плиток релјеф. Подниот мозаик содржи геометриски мотиви што ги следат основите на конхите во централниот дел од наосот, нартексот и јужната капела.

Сл.2.  Основа на средновековната црква  Св.Богородица Милостива, Велјуса  Тhe basis of the medieval church Holy Motehr of God Eleusa, Veljusa.

Сл.3.   Копија на архитрав Св.Богородица Милостива / Copy of architrav Holy Mother of God Merciful.

Сл.5.  Фреска на Исус Христос Емануел  /  Fresco of Jesus Christ Immanuel

Сл.6. Св. Богородица Елеуса со Исус / Holy Mother of God Merciful with Jesus

Сл.7. Фреска на Свети Нифонт /  Fresco of  Saint Nephon

Сл.8. Фреска Св.Богородица Оранта / Fresco of  Holy Mother of God Oranta

Посетете ја локацијата преку рутите