ТУРСКА КУЛА

Турската кула денес се наоѓа во урбаниот дел на Струмица во непосредна близина на црковниот комплекс „Св.Петнаесет тивериополски маченици“, во отоманскиот период таа била дел од предградието односно јужната периферија на градот. Најверојатно, во отоманскиот период постоеле повеќе такви кули, кои формирале поредуциран дефанзивен систем на цивилниот простор на Струмица. Турката кула во свое време го контролирала јужниот влез на градот.  Овие станбенo – одбранбените кули биле дел од мали семејни утврдувања, од типот на османски воени фортови.

Кулата е изѕидана од камен со добро обработени лица и варов малтер како врзливо средство, додека ќошињата и оквирите на вратата и прозорците се направени од обработени бигорни блокови. Внатрешниот обем е поделен на приземје и четири спрата, сврзани меѓу себе со дрвени скали. Приземните спратови обично биле користени за стопански потреби, а горните за живеење каде во ѕидовите има оформено огништа. Влезот на кула е тесен и на околу 1,5 метри подигнат од теренот. Вратите на овие кули биле направени од масивно тврдо дрво со железна опшивка. Основата на кулата е со дименции: 6,90 x 6,90 метри, а истата е висока 15,60 метри. Првите два спрата имаат мали отвори – пушкарници, а на четвртиот спрат има издадено тераси на две од четирите страни. Оваа кула, според нејзините особености, можеме да ја датираме во XVII – XVIII век.

Сл.2. Изглед на турската кула пред конзерваторско – реставраторските активности

Сл.3. Козервација и реставрација на турската кула во 1991 година

Сл.4. Огниште / Fireplace